Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја истакна важноста на новата иницијатива за садење 1500 дрвја како дел од проектот „ЕУ за чист воздух“, кој има за цел да го намали загадувањето на воздухот и да ја подобри животната средина во градот.

Проектот, финансиран од Европската Унија и имплементиран од УНОПС во соработка со Министерството за животна средина, е насочен кон зголемување на урбаните зелени површини и намалување на емисиите на штетни честички. Дрвјата се внимателно избрани од стручни лица и ќе бидат засадени на локации од посебно значење за жителите, како што се Нова Битола, паркот кај Довлеџик, Градскиот парк и влезот во Битола од страната на Прилеп.

„Со овој проект даваме значителен придонес во намалувањето на загадувањето на воздухот, кое е еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми,“ изјави Коњановски. „Садниците не само што ќе ја разладат урбаната средина, туку и ќе произведуваат кислород и ќе ја подобруваат благосостојбата на заедницата.“
Во рамките на денешната акција за садење дрвја во Градскиот парк, на која присуствуваа и амбасадорите на Германија и Франција, беше потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу Општина Битола и УНОПС. Овој Меморандум, покрај садењето дрвја, предвидува активности за намалување на загадувањето од системите за греење на јавни објекти, со што ќе се користат почисти извори на енергија.
Проектот „ЕУ за чист воздух“ со буџет од 10 милиони евра работи на намалување на штетните емисии и вклучува иницијативи како модернизација на системите за греење, воведување на еколошки јавен транспорт и подобрување на мониторингот на квалитетот на воздухот во повеќе градови.







