Денес, на Француските воени гробишта во Битола, се одржа традиционалната комеморација по повод Примирјето од 11 ноември 1918 година и „Денот на народната жалост“. Церемонијата, организирана од амбасадите на Сојузна Република Германија и Република Франција, е посветена на сеќавањето на загинатите, повредените, исчезнатите и прогонетите од сите војни и нации.

Во спомен на паднатите херои, свежо цвеќе положија амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, како и пратеници од Битола, градоначалникот Тони Коњановски, претседателката на Советот Габриела Иливеска, и други делегации и гости.

Француските воени гробишта во Битола се меморијален комплекс кој им оддава почит на војниците и сведочи за важноста на Македонскиот фронт во европската историја. Ова место нè потсетува на храброста и жртвите, но и на нашата одговорност да градиме иднина заснована на мир, солидарност и пријателство, инспирирани од лекциите на минатото.






