Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, како дел од македонската делегација, активно учествува на Конференцијата за климатски промени COP29 во Баку, Азербејџан. Оваа конференција, организирана од Обединетите нации, обединува светски лидери и експерти од повеќе од 70 земји, а се смета за еден од најзначајните глобални настани за борба против климатските промени и промовирање на зелената транзиција.
Во своето обраќање, Божиновска ја нагласи важноста на ваквите настани како можност за размена на знаења и искуства со глобалната заедница, особено во делот на обновливите извори и одржливата економија. Таа истакна дека Македонија има амбициозна агенда за зелена транзиција и додаде дека COP29 е значајна платформа за привлекување нови зелени инвестиции во земјата.

„Нашата цел е да воспоставиме соработка со меѓународни партнери која ќе придонесе кон забрзана транзиција кон зелена енергија. Овие инвестиции ќе ни овозможат не само да го заштитиме животната средина, туку и да создадеме нови работни места и да го зголемиме економскиот раст,“ истакна министерката Божиновска.

Настанот COP29 го потенцира значењето на глобалното партнерство во решавањето на климатската криза, а Македонија со својата визија за одржлив развој се позиционира како активен учесник во овие глобални напори.







