Министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на ЕУ во Република Северна Македонија, нагласи дека ефикасниот правосуден систем е темел за владеењето на правото и создавање бизнис-ориентирана средина. Според него, таквиот систем не е само предуслов за економски развој, туку и основен инструмент за борба против криминалот и корупцијата, како и за заштита на човековите права.
Главен предизвик останува должината на судските постапки, со оглед на тоа дека граѓаните очекуваат брзи и професионални решенија за своите случаи. Филков истакна дека Министерството е посветено на реформските чекори кои произлегуваат од Извештајот за напредокот на земјата. Меѓу мерките се воведување временски рокови за одредени фази на судските постапки, примена на електронски процедури за специфични случаи и реформирање на законодавството.
Министерството ќе продолжи со посветена реализација на приоритетите согласно Развојната Секторска Стратегија за правосудство 2024-2028 година, со цел да постигне независен и стабилен правосуден систем кој ги почитува човековите права и ги исполнува очекувањата на граѓаните.







