Јас не само што не паметам туку не сум можел ни да замислам една ваква ситуација со Бугарија. И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето, вели Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието, во емисијата „СТУДИО 10“ на ТВ24
Повеќе од сигурен сум дека ова е долгорочна државна политика. Тоа што сега се случува во Македонија, тоа што сме толку чувствителни за ликот на Гоце Делчев кој е човек кој ги надминува границите со своите сфаќања, е незамисливо. Мислам дека Бугарија и Македонија како држави сме 100 години зад визиите на Гоце Делчев – вели Петковски и додава дека е разбирлива чувствителноста кон негирањето, но зачудува и нашата фрагилност кон провокациите од луѓе кои се осудени и од Европскиот парламент за своето фашизоидно однесување.
За Петковски е зачудувачки тоа што еден европарламентарец доаѓа во Македонија, ја негира земјата па дури и повикува на атентат на претседателот, но од друга страна на таквите провокации според Петковски не треба да се одговара.
– Тоа е настан што ние го одбележуваме секоја година и нема потреба од тоа да се прави вонредна состојба. Нашата полиција ја контролира целата земја и навистина нема потреба да доаѓа бугарска полиција напомош – вели Петковски.






