Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски во однос на почетокот на грејната сезона во Скопје вели:
„Во саботата почна грејната сезона. Доколку температурата во текот на денот е под 15 степени, треба да работат и топланите. Според информациите од ЕСМ, има одредени проблеми со внатрешна инсталација, но и кај некои топлотни станици и поради тоа се исклучени пумпите, но имало и дефект, кој технички може да се види. Ова е вообичаен почеток на грејната сезона. Како ќе поминува секој ден неделава, ситуацијата ќе се подобрува и непречено ќе се одвива грејната сезона“, рече Бислимоски во гостување на ТВ24.
Тој вели дека времињата кога еден стан со топли радијатори се загревал со температура од 24 степени целзиусови и нагоре, се минато.
-Треба да се штеди и нашите топлани да работат во оптимални режими. Да се покажеме солидарни и да не очекуваме дека повторно ќе имаме грејна сезона со 24-25 степени целзиусови во некои станови. Тоа што е минимум ќе се обезбеди – 21 степен целзиусов. Да потсетам дека побогати земји температурата ја намалија на 18 и 19 степени. Ние како РКЕ не се одлучивме да ги намалуваме тие гранични температури, рече Бислимоски во „Студио 10“.






