Сопственикот на најголемите порнографски платформи, вклучувајќи Pornhub, Redtube и YouPorn, најави дека од утре попладне ќе ја прекине достапноста на содржината за возрасни за корисниците во Франција. Компанијата Aylo, која ги поседува овие страници, соопшти дека се работи за знак на протест против новите мерки на француската влада што бараат задолжителна проверка на возраста.
Наместо содржина, француските корисници ќе добијат порака со објаснување на одлуката, во која се наведува дека платформата не сака да ја компромитира приватноста на своите посетители.
Според законот што стапува на сила на 7 јуни, сите платформи со содржина за возрасни се должни да воведат технички механизми за проверка на возраста на корисниците. Мерката, која е дел од кампањата за заштита на малолетниците од несоодветна содржина, веќе подолго време е причина за жесток судир меѓу компанијата и властите.
„Францускиот закон е опасен, неефикасен и потенцијално загрозувачки за приватноста,“ изјави Соломон Фридман, партнер во компанијата сопственик „Етикал Капитал Партнерс“. Тој додаде дека станува збор за одбрана на основни вредности и директна комуникација со јавноста.
Според податоците на компанијата, Франција е втор најголем пазар на Pornhub, веднаш по САД.
Од Европската комисија потврдија дека се работи на нов модел за проверка на возраста, а во меѓувреме ги обвинија платформите на „Ајло“ за кршење на европските прописи за дигитални услуги.
„Ајло“, слично како и „Мета“, предлага проверка на возраста да се врши на ниво на уред, во соработка со производители на оперативни системи и апликации, со цел, како што велат, да се спречи пристапот уште на изворот.
Француската министерка за дигитални прашања, Клара Чапаз, одговори преку платформата „X“ дека „Ајло лаже“ и додаде: „Возрасните имаат право да гледаат порнографија, но не на сметка на заштитата на децата“.
Од „Ајло“ не прецизираа колку долго ќе трае блокадата, но најавија дека се надеваат на брзо решение кое би овозможило враќање на содржината.






