Движењето Беса го пријави во полициските органи случајот со нивниот пратеник, Кастриот Реџепи како исчезнат и киднапиран.
Ова го соопштуваат за ИНА од оваа партија, каде бараат ургентно МВР да преземи мерки за откривање на местото каде се наоѓа пратеникот и да расветлат што се се случува.
Лидерот на оваа партија, Билал Касами пред малку рече дека нивниот пратеник е киднапиран и дека не се знаат што се случува со него, се додека не видат негова изјава со лице и глас. (ИНА)
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во изјава за медиумите истакна дека седницата се уште не е завршена и во секој момент може да продолжи, доколку се создадат услови за тоа.

„Ова денеска што се случува е доказ за тоа што го реков пред да влезам во Собранието, дека денеска паѓа Владата и најпосле граѓаните ќе се ослободат. Во меѓувреме додека ние уште зборуваме не знаеме каде е еден пратеник, каде се наоѓа. Тоа го кажувам од човечки аспект, сите што имаат хуманост и пред да бидат политичари и пратеници, без разлика како ќе гласаат, треба да бидат загрижени дека имаме само еден Фејсбук статус, а немаме ни глас ни физичко присуство на Кастриот Реџепи. Најважно во моментот е и тој и неговата фамилија да бидат безбедни, а за тоа треба одговор да дадат институциите на државата“, порача Села.
Лидерот на Беса, Билал Касами, се сомнева дека неговиот пратеник Кастриот Реџепи не доаѓа на седница бидејќи негде се држи присилно. Тој рече дека од вчера со пратеникот кој напиша дека нема да гласа за паѓање на Владата на СДСМ и ДУИ нема никаков контакт. Во меѓувреме, потврди дека Беса останува на ставот, како што рече, овој режим треба да падне.

-Сѐ додека нема слика и глас на пратеникот, јас се сомневам дека тоа го има кажано против своја волја. Денеска, не сме се слушнале. Вчера беше последната информација. Сѐ додека не излезе да каже свој став, да каже дека не е присилен, дека ова е доброволно, јас како претседател на Беса имам право да се сомневам дека се држи некаде и не може да дојде во Собранието да си каже својот став, рече Касами.
На прашањето дали ќе успеат како опозиција да обезбедат 62 пратеници како мнозинство, Касами рече дека во моментов за нив е важно здравјето на пратеникот.
Само пред половина час Касами, кога доаѓаше во Собранието, кусо изјави дека не е изненаден од потегот на Реџепи, но не прецизираше што сака да каже со тоа.
Со оваа изјава лидерот на Беса е на ист став како и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.






