Владата денес ќе донесе одлука за обезбедување нов пакет помош за Украина. Ова го најави министерот за одбрана Владо Мисајловски, на форумот организиран по повод 75-годишнината од НАТО во МНР.
Министерот Мисајловски вели дека Македонија ќе се приклучи на барањата на другите земји членки на алијансата и на ЕУ да продолжи да го помага одвраќањето на руската агресија. Не беше соопштено што ќе содржи помошта за Украина но Мисајловски најави дека тоа ќе се објави откако ќе биде одржана затворената седница на Владата денес во попладневните часови.
„Ќе продолжиме да помагаме. Затоа сме пријатели“, порача министерот Мисајловски тврдејќи дека помош ќе има и во иднина според можностите на Македонија.
Тој најави забрзана модернизација на нашата армија за која идната година одвојувањата ќе бидат над два отсто, порачувајќи дека станува збор за сериозни суми пари.







