Сабина Ајрула Тозија, една од најдобрите актерки во Македонија, почина вчера на 75-годишна возраст. Со неа се простува публиката, колегите, пријателите, а последен поздрав испраќаат и од нејзиниот Драмски театар.
-Со огромно жалење ја примивме веста за смртта на нашата Сабина Ајрула Тозија, една од најмаркантните актерки во театарската и филмската уметност. Сабина беше еден од столбовите на Драмскиот театар и ќе остане вечно запаметена по нејзините успешно одиграни улоги во претставите: „Дамите од Аламо“, „Болва во уво“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Еригон“, „Косанчиќев венец“, „Ивона, кнегиња бургундска“, „Авантурите на Понг и Луси“, „Свадба“ и многу други. Добитник е на безброј награди меѓу кои Државната награда „Свети Климент Охридски“ и Наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“. Вечна и слава, објавија од театарот.
Веста за нејзината смрт ја потресе македонската јавност, а нејзините колеги сè уште не можат да поверуваат, па дел од нив со емотивни пораки на социјалните мрежи се простија од актерката.
„За твојот 40ти роденден, во бифето на Драмски театар, после претставата, ти отпеав песна за тебе што ти ја напишав како подарок. Додека ти ја пеев со гитарата, ја имаше истата оваа насмевка, која нема никогаш да ја заборавам. Збогум Сабина…“ – напиша Игор Џамбазов.
„Си замина и таа….секогаш насмеана, неверојатно духовита, одличен партнер на сцена, непредвидлива, истрајна, бунтовна, вредна, достоинствена со неа секогаш се смеев, знаеше да виде луцидна и игрива…на сцена и приватно…многу ја сакав. Ама многу. Прекрасница. Моето најдлабоко сочувство. Глумиците никогаш не умираат (така барем се тешиме) најголемиот и најбучниот аплауз за тебе Сабина. Тага.“, напишала Весна Петрушевска на Инстаграм профилот.







