Македонија во изминатите години се соочува со масовно иселување, особено на младите. Според последниот извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ објавен лани, во изминатите години, околу една четвртина од населението или приближно 500 000 луѓе ја напуштиле земјата. Британскиот угледен економски магазин „Економист“ ја стави Македонија на осмото место по одливот на мозоци, односно иселувањето на високо-образовани и талентирани луѓе во светот.
Истражувањата во изминатите неколку години покажуваат релативно слични податоци дека една половина од младите сакаат да се иселат, а една третина од нив преземаат чекори за да го направат тоа, вели Блажен Малевски, истражувач во здружението на граѓани Реактор.
„Она што треба да го имаме на ум е дека економската состојба е една перспектива на работите. Но, од друга страна, исто така перспективата на младиот човек што може да постигне во нашата држава. Тука влегуваат во игра други фактори, односно политичките фактори, нестабилноста и непредвидливоста на политиката и оттаму мислам дека економската состојба и перспектива е еден дел од сегментот. Ако навистина сакаме младите тука да си ја видат треба да разгледуваме малку поопширно, а не само на сегменти на проблемите“, вели Малевски.
Последното истражување на германската фондација „Фридрих Еберт“ покажува дека повеќе од две третини од младите имаат желба да ја напуштат државата. Половина од нив преземаат конкретни мерки, а другата половина засега само сака да се пресели во западните земји. За околу 48 отсто од младите, според истражувањето, главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард.
Попов вели дека државата се уште не нуди перспектива за младите, односно не гледа разлика од ситуацијата во минатото и сега.
„Мислам дека нема никакво подобрување. Можеби има само мало подобрување за младите во технолошкиот свет во Македонија. Инаку генералната слика е иста како и пред 12 години“, додава тој.






