Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање порача дека за да се стави крај на војната мора да се изврши силен притисок врз Русија, бидејќи, како што рече, Владимир Путин не разбира ништо друго освен сила.
„Оваа војна мора да биде приведена до крај. Путин не разбира ништо освен сила и притисок“, изјави Зеленски, додавајќи дека Украина паралелно продолжува со дипломатските напори и контакти со партнерите за да се одржуваат преговори кои можат реално да го доближат мирот.
Изјавата следи по коментарот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно рече дека е многу тешко, ако не и невозможно, да се добие војна без директен напад на земјата агресор. Зеленски се согласи со него, нагласувајќи дека само одбраната не е доволна.
Украинскиот лидер истакна дека советниците за национална безбедност, војската и Генералштабот работат на контурите на идната безбедносна архитектура на Украина – од оружје и воена соработка со партнерите, до сили на копно, море и воздух. Тој најави дека секојдневно ќе има нови дипломатски чекори и поддршка од сојузниците.
Во меѓувреме, Украина беше погодена од еден од најголемите воздушни напади досега. Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала околу 574 беспилотни летала и 40 ракети кон западните региони на земјата. Во нападот загина едно лице, а 15 се повредени.
Ова се случи само неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин беше во Алјаска на средба со американскиот претседател Доналд Трамп, каде ги презентираше своите услови за мир – вклучително и повлекување на Украина од Донецк.
Според „Ројтерс“, Путин повторил дел од претходниот предлог од 2024 година, со кој бара Киев да се откаже од Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. За возврат, Москва би задржала контрола врз своите тековни позиции во Херсон и Запорожје, а на Украина би ѝ вратиле делови од Харков, Сума и Днепропетровск.
Зеленски, сепак, нагласи дека Москва не покажува вистинска подготвеност за мир и ги повика сојузниците да воведат нови санкции и царини како дел од засилениот притисок врз Русија.







