И покрај обидите за примирје, состојбата во Судан останува катастрофална. Сведоци пријавуваат напади и експлозии во близина на главниот град Картум, што ја влошува веќе тешката хуманитарна криза.
Неколку часа по тоа што паравоените Сили за брзо дејствување (RSF) прифатија „хуманитарно примирје“ предложено од САД, Египет, ОАЕ и Саудиска Арабија, во околината на Картум се слушнале силни експлозии. Ни RSF ни суданската војска не дадоа информации за бројот на жртви.
Иако регионот на Картум со месеци беше релативно мирен, борбите повторно се интензивираа. RSF, по заземањето на градот Ел Фашер во Дарфур, ги прошири нападите и во централниот Кордофан, кој граничи со Дарфур.
Конфликтот трае од 2023 година, кога избувна борбата за власт меѓу армискиот командант Абдел Фатах ал-Бурхан и неговиот поранешен заменик Мохамед Хамдан Дагало, лидер на RSF. Иако двајцата во 2019 ја соборија диктатурата на Омар ал-Башир и ветуваа цивилна власт, процесот пропадна поради одбивањето на RSF да се интегрира во армијата.
Според Обединетите нации, Судан денес се соочува со најтешката хуманитарна криза во светот – повеќе од 65.000 лица избегале од Ел Фашер, а десетици илјади се уште се заробени во зоните на конфликт. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за воени злосторства и кршење на човековите права.






