Северна Кореја остро ги осуди заедничките воени вежби и безбедносните разговори меѓу САД и Јужна Кореја, одржани неодамна, најавувајќи дека ќе преземе „поофанзивни мерки“ против, како што наведува, „зголемената закана“.
Ден по лансирањето на балистичка ракета, севернокорејскиот министер за одбрана Но Кванг Чол во соопштение изјави дека Пјонгјанг „точно го разбрал непријателството на САД“ и дека „никогаш нема да избегне одговор на тоа“, пренесе јапонската агенција Кјодо.
Министерот остро го критикуваше и неодамнешното пристигнување на американскиот носач на авиони со нуклеарен погон „Џорџ Вашингтон“ во јужнокорејското пристаниште Пусан.
Во соопштението не се спомнува вчерашното ракетно лансирање, при што, според податоците на јапонското Министерство за одбрана, проектилот бил истрелан од западниот брег на Северна Кореја и прелетал повеќе од 450 километри, достигнувајќи висина од околу 50 километри.
Јужнокорејската војска, пак, соопшти дека ракетата прелетала околу 700 километри. Американската Индо-Пацифичка команда оцени дека лансирањето „ја нагласува дестабилизирачката природа на севернокорејските активности“, но истакна дека „настанот не претставува непосредна закана за американскиот персонал, територија или сојузници“.







