На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, истакна дека Македонија покажала зрелост, достоинство и демократска свест на изборниот ден. Тој оцени дека изборите биле мирни, фер и демократски, што е гордост за секој граѓанин.
„Им упатуваме огромна благодарност на сите граѓани кои излегоа на гласање и ја покажаа својата одлучност и доверба. Сите извештаи говорат дека изборниот ден помина во мирна и достоинствена атмосфера, што е доказ дека Македонија може да спроведе демократски избори по највисоки стандарди“, рече Манасиевски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ очекува одличен резултат и голема победа во сите општини каде има свои кандидати за градоначалник, вклучително и убедлива победа во Град Скопје.
„Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати, решенија и нова енергија. Од утре продолжуваме со работа, со уште поголема посветеност и одговорност“, додаде Манасиевски.







