Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изјави дека најжестоките борби во моментов се водат на Покровскиот правец, во областа Доњецк, на југоистокот на Украина, наведувајќи дека таму, како и изминатите недели, е забележана голема концентрација на руски сили.
„Окупаторите се обидуваат со сите можни методи да се утврдат“, изјави Зеленски во видеообраќање, пренесе агенцијата УкрИнформ.
Тој истакна дека разговарал со врховниот командант и началникот на Генералштабот на украинските вооружени сили за состојбата на фронтот и за планирањето на долгорочните воени операции.
Зеленски додаде дека ситуацијата во Купјанск, во Харковската област на истокот на земјата, е исклучително тешка, но украинската војска продолжува храбро да ги брани своите позиции.






