Според Изборниот законик, за кандидат да биде избран за градоначалник уште во првиот круг, мора да бидат исполнети два основни услова.
Првиот услов е на гласање да излезе најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи во конкретната општина. Вториот услов е еден од кандидатите да освои повеќе од 50 проценти од гласовите на оние што гласале.
Доколку не се исполнат овие два критериума, во рок од 14 дена се организира втор круг, во кој учествуваат само двајца кандидати со најголем број гласови од првиот круг. Во вториот круг, победник е кандидатот кој ќе освои повеќе гласови.
Изборниот ден започна мирно, со навремено отворени сите гласачки места низ државата, а гласањето се одвива без потешкотии, информира Државната изборна комисија. Првите податоци за одзивот на гласачите се очекуваат околу 10 часот.






