Министерството за внатрешни работи соопшти дека презема засилени безбедносни мерки за време на денешните локални избори, со цел изборниот процес да помине мирно и без нарушувања.
Полициски службеници се распоредени во близина на гласачките места и на клучните сообраќајни правци низ целата држава, а безбедноста на граѓаните се гарантира преку стандардни мерки, мобилни тимови, контролни пунктови и современа технологија, вклучително и употреба на дронови за воздушен надзор.
„Полицијата ќе ги обезбедува гласачките места непрекинато од 6:00 до 19:00 часот, како и за време на броењето на гласовите и предавањето на изборниот материјал“, наведуваат од МВР.
Министерството апелира до граѓаните и политичките субјекти да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат насоките на полицијата и да се воздржат од активности што би можеле да го нарушат изборниот процес.
Полициските службеници имаат обврска да реагираат на секое нарушување на јавниот ред и мир и, доколку е потребно, да ги отстранат неовластените лица од објектите каде што се гласа и во радиус од 100 метри околу нив.
Во случај на инциденти, временски непогоди или други непредвидени околности, избирачките одбори можат привремено да го прекинат гласањето, кое потоа ќе продолжи за истото време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Покрај обезбедувањето на гласачките места, полицијата ќе се грижи и за доверливоста и сигурноста на избирачкиот материјал до неговото предавање во општинските изборни комисии.







