Убодот од стршлен не само што предизвикува силна болка, туку може да биде и смртоносен. Секоја година, се регистрираат и трагични случаи со фатални последици поради ваков убод.
Колку ќе биде сериозна реакцијата на телото зависи од повеќе фактори, пред сè од тоа дали лицето е алергично. За првите симптоми и препораките при убод од стршлен зборуваше др Александра Вуков, педијатар, алерголог и пулмолог, за српската телевизијата „Прва“.
„Најчести првични симптоми се болка, повраќање, стеснување на зениците, силна вознемиреност и забрзан пулс. Препорака е да се избегнуваат локации каде што има гнезда од стршлени и никако да не се приближуваме или провоцираме такви наслаги“, нагласува докторката.
По убодот најпрво се појавува локална реакција – оток, болка, црвенило. Но кај одредени луѓе, може да се развие и сериозна алергиска реакција, која може да стане животозагрозувачка.
„Особено е опасно ако убодот се случи во пределот на лицето или вратот, а најкритично е кога стршленот ќе ве касне на јазикот. Тогаш доаѓа до отекување кое ги затвора дишните патишта и може да доведе до гушење,“ предупредува д-р Вуков.
Ако се развие алергиска реакција, таа најчесто се одвива многу брзо. „Пациентот може да добие осип, забрзано дишење, чувство на гушење, пад на крвниот притисок, па дури и губење на свеста. Сето тоа може да се случи во рок од неколку минути, затоа е неопходна итна медицинска интервенција,“ додава таа.
Луѓето со ризични занимања, како пчелари, работници на терен или во природа, се советуваат секогаш да носат со себе автоматски апликатор со адреналин (епипен) за итна самопомош во случај на анафилактичен шок.






