Во Црна Гора утрово беше спроведена голема полициска акција во која беше уапсен поранешниот министер за одбрана и поранешен пратеник на Демократската партија на социјалистите, Предраг Бошковиќ, како дел од истрага за организиран криминал.
Според соопштението на Специјалното државно обвинителство, покрај него се уапсени и десетина други лица, меѓу кои обвинителка, активни и поранешни полицајци и бизнисмени. Меѓу уапсените се: обвинителката Андријана Настиќ, полицаецот Владан Лазовиќ, поранешните полицајци Драго Спичановиќ и Милован Павиќевиќ, како и бизнисменот Александар Мијајловиќ, кој според обвинителството е организатор на криминална група која се занимавала со шверц на бесцарински цигари од пристаништето во Бар.
Со одлука на истражен судија, Мијајловиќ и Спичановиќ се притворени до 30 дена, патните документи на обвинителката Настиќ се конфискувани, а на Лазовиќ и Павиќевиќ им е изречена мерка на задржување во стан.
Повеќе детали се очекуваат од црногорското Специјално државно обвинителство, додека истрагата продолжува.






