Во Општата болница во Котор се случил сериозен инцидент кога маж физички нападнал хирург, по што инфектологот Александар Зекиќ бил принуден да се заклучи во лекарската соба за да се заштити.
Како што пренесува подгорскиот „ЦДМ“, Зекиќ по настанот објавил на својот Фејсбук профил дека наместо да се грижат за здравјето на пациентите, лекарите биле ставени во ситуација да се борат за сопствениот живот.
„Системот мора итно да најде начин да ги спречи нападите врз здравствените работници, кои стануваат сè почести. Во спротивно, ќе мораме самите да научиме техники за самоодбрана“, напишал Зекиќ.
Инцидентот предизвика бурни реакции во јавноста, а медицинската заедница повторно апелира за посилна заштита и построги казни за насилство врз здравствен персонал.







