Во Бугарија и Романија е прогласен црвен метео аларм поради обилни дождови што предизвикаа сериозни проблеми во повеќе региони. Властите предупредуваат на висок ризик од поплави, свлечишта и прекини во сообраќајот.
Во Бугарија, обилните врнежи доведоа до затворање на патишта и прекини во снабдувањето со електрична енергија во 51 населено место, јавуваат бугарските медиуми. Надлежните институции вршат засилен надзор на мостовите и оштетената инфраструктура, а секоја критична локација ќе биде веднаш затворена.
Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен аларм за осум области, каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар. Властите најавија дека ќе побараат финансиска помош од Европскиот фонд за солидарност за справување со последиците.
Во Романија, пак, метеоролозите го продолжија црвениот временски аларм за пет области и главниот град Букурешт. Според Романската национална метеоролошка управа (ANM), во периодот од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Граѓаните се повикуваат да избегнуваат непотребни патувања и внимателно да ги следат упатствата на надлежните служби.







