Американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи Чикаго за „воена зона“, со што федералните власти добија можност да испратат трупи во градот, јави France Presse. Истовремено, припадници на Националната гарда од Калифорнија беа распореденi во Портланд, Орегон – уште еден град под водство на демократите, и покрај судските забрани.
Министерката за национална безбедност, Кристи Ноем, изјави за Fox News дека „Чикаго е воена зона“, обвинувајќи го градоначалникот Брендон Џонсон дека „лаже за да ги заштити криминалците кои им го уништуваат животот на граѓаните“. Таа тврди дека банди, картели и „познати терористички организации“ нудат награди на демонстранти за да се спротивстават на агентите на американската служба за имиграција (ICE).
Одлуката на Белата куќа предизвика остри реакции кај демократските функционери. Сенаторот Дик Дурбин изјави дека Трамп не се обидува да го реши проблемот со криминалот, туку „свесно шири страв“.
Гувернерот на Илиноис, Џеј Би Прицкер, остро ја осуди мерката, нарекувајќи ја „Трампова инвазија“. „Нема никаква причина да се испраќаат трупи во Илиноис или било која друга сојузна држава без знаење, согласност и соработка со локалните власти“, порача Прицкер.
Според анкетата на CBS News, дури 58% од Американците се противат на испраќање на Националната гарда во американските градови.
Трамп претходно нареди распоредување на трупи и во Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис, секогаш наидувајќи на отпор од локалните власти. Во случајот со Портланд, судот двапати ја блокираше операцијата, наведувајќи дека „во градот нема побуна ниту закана по националната безбедност“.
Гувернерката на Орегон, Тина Котек, соопшти дека и покрај судската пресуда, во нејзината држава бил испратен контингент од 101 припадник на Националната гарда од Калифорнија, по што судот повторно наложи обуставување на распоредувањето на трупите.






