Германскиот канцелар Фридрих Мерц го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека води „хибридна војна“ против Германија, насочена кон поткопување на европскиот политички поредок.
„Путин води информативна војна против нас. Води воена војна против Украина, а тој конфликт е во исто време и насочен против нас“, изјави Мерц за германската телевизија ntv.
Тој предупреди дека Москва се обидува да го преврти европскиот политички систем и дека затоа е неопходно Германија цврсто да ја поддржува Украина. „Во нашиот интерес е да го браниме политичкиот поредок и отворените, либерални општества во Европа“, додаде канцеларот.
Осврнувајќи се на сè почестите инциденти со дронови во Германија и низ Европа, Мерц рече дека тоа е дел од стратегијата на Кремљ за ширење страв. „Путин сака да заплаши и да посее страв. Но, нема да бидеме исплашени — ќе се браниме ефикасно од оваа закана“, порача тој.
На прашањето дали размислува да го повика Путин, Мерц одговори дека „тоа, се разбира, го разгледува“, но нагласи дека „секој обид за разговор досега завршувал со уште пожестоки напади врз Украина“.
Канцеларот потврди и дека имал „жестока расправа“ со унгарскиот премиер Виктор Орбан на состанокот на Европската унија во Копенхаген минатата недела. „Орбан нè обвини дека не сакаме преговори, а јас го потсетив дека самиот беше во Киев како претседавач со Советот на ЕУ, а потоа и во Москва. Одговорот на Путин беше бомбардирање на детска болница во Киев“, изјави Мерц.







