Од 1 јануари 2026 година, сите пензионери кои сакаат да продолжат да работат ќе можат тоа да го прават без да им биде прекината или намалена пензијата. Оваа значајна реформа ја најави заменик-министерот за социјална политика, труд, демографија и млади, Ѓоко Велковски, за време на неговата посета на Штип.
„Работиме на сеопфатна законска измена со која ќе се овозможи секој пензионер, по навршени 62 или 64 години, да ја прима својата пензија и истовремено да биде пријавен со целосно здравствено и пензиско осигурување, како и да добива плата“, изјави Велковски.
Тој појасни дека измените ќе бидат подготвени веднаш по локалните избори и ќе се упатат во владина, а потоа и во собраниска процедура.
„Целта е да им дадеме можност на пензионерите кои сакаат да останат активни да работат без страв дека ќе им биде сопрена пензијата или дека ќе мора да работат непријавено. Со ова ќе создадеме систем кој го почитува трудот и искуството на постарите генерации“, додаде заменик-министерот Велковски.






