Тетово денес остана без вода поради серија дефекти на водоводната мрежа. Од Јавното комунално претпријатие „Шари“ информираа дека на повеќе од десет локации во градот се појавиле проблеми кои бараат итна интервенција.
„Поради бројните дефекти сме принудени привремено да го прекинеме водоснабдувањето во целиот град. Екипите се на терен и работат со полн капацитет за што поскоро санирање на сите дефекти“, соопштија од претпријатието.
Од „Шари“ најавуваат дека водоснабдувањето ќе биде повторно воспоставено веднаш по завршувањето на сите поправки и апелираат граѓаните да покажат разбирање додека траат интервенциите.







