Новиот француски премиер Себастијан Лекорну денеска поднесе оставка, само неколку часа откако го именува својот кабинет. Одлуката уследи откако и сојузници и опозициски партии се заканија дека ќе ја соборат неговата влада.
Оставката, оценета како без преседан, ја продлабочи политичката криза во Франција. Веста предизвика пад на француските акции и на еврото.
Лекорну, близок сојузник на претседателот Емануел Макрон, вчера ги претстави министрите, а првиот состанок на кабинетот беше закажан за денес. Но изборот на тимот веднаш предизвика незадоволство и сомнежи во неговата стабилност.
„Г-дин Себастијан Лекорну ја поднесе оставката на својата влада до претседателот на Републиката, кој ја прифати“, соопшти Елисејската палата.
Француската политика е нестабилна уште од реизборот на Макрон во 2022 година, кога ниту една партија не обезбеди мнозинство. Дополнително, предвремените избори минатата година го направија парламентот уште пофрагментиран. Лекорну беше петтиот премиер на Макрон за само две години.






