Израел и Хамас се наоѓаат пред постигнување договор за ослободување на заложниците во Газа, изјави висок израелски претставник за „Канал 12“. Според него, рокот од 72 часа за ослободување на сите заложници ќе започне веднаш по завршувањето на техничките разговори во Египет, иако можеби ќе биде продолжен за да се идентификуваат убиените заробеници.
Преговорите се одвиваат со силно американско посредување. Доналд Трамп и премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера разговарале телефонски, а американски претставници учествуваат во процесот.
Според условите на предлогот, Израел ќе изврши „тактичко повлекување“, но израелската војска ќе остане присутна во најголемиот дел од Газа. Хамас прифатил ваков аранжман поради силниот притисок од Трамп и арапските земји.
Доколку дојде до ослободување, ќе следи масовна размена со палестински затвореници, по што ќе започнат разговори за разоружување на Хамас и идниот статус на појасот Газа.






