Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека можеби е подобро да се дозволи Украина и Русија уште извесно време да водат војна, наместо веднаш да се започне со мировни преговори. Изјавата ја даде за време на состанокот со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Овалната соба на Белата куќа.
„Понекогаш е подобро да ги пуштиш да се борат, па потоа да ги разделиш,“ рекол Трамп, додавајќи дека неодамна му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека „се однесуваат како две мали деца што се тепаат во парк“. Реакцијата на Путин не е јавно позната.
Канцеларот Мерц, пак, го искористи состанокот за да повика на поголем притисок врз Русија, подвлекувајќи ја улогата на САД како клучен сојузник и потсетувајќи на историјата на американската помош за Европа.
Во меѓувреме, Кремљ се закани со одмазда по украинскиот напад со дронови на четири руски воздушни бази, во кој според американски извори биле оштетени до 20 борбени авиони длабоко во руска територија. Украина, велат извештаите, се подготвува за можен контранапад од страна на Москва.






