Претседателот на САД, Доналд Трамп, прогласи дека САД се во „немеѓународен вооружен конфликт“ со нарко-картелите, соопштија од документ испратен до Конгресот, кој ја разјаснува правната основа за американските напади врз нарко-бродови покрај Венецуела.
Документот, доставен од главниот адвокат на Пентагон и виден од Ројтерс, ги опишува убиените лица како „нелегални борци“ и ги квалификува нарко-картелите како „недржавни вооружени групи“ чии дејствија „претставуваат вооружен напад врз Соединетите Американски Држави“.
Во изминатиот месец, американската војска уништи најмалку три бродови, при што загинаа најмалку 17 лица. Документот наложува на Министерството за одбрана да преземе мерки против картелите согласно законот за војна.
Администрацијата на Трамп истакнува дека нападите испраќаат јасна порака, особено по нивното претходно означување како терористички организации.






