Суспендиран е затворскиот полицаец, којшто го пренел телефонот до Васил Јованов во притворското одделение во Шутка, но истрагата нема да заврши тука, уверува директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов во интервју за вечерашната „Топ тема“.
Според него, јасно е дека во шемите се вклучени повеќе лица.
Само во вонредна контрола денеска пронајдени се и одземени 70 мобилни телефони.
– 32 постапки се водат во обвинителство, при тоа има заповедници во овие 32, има командири, од секаков калибар вработени. Над 100 дисциплински постапки се покренати во овој период – рече Пандов.
Тој потврди дека на возачот кој ја прегази Фросина Кулакова му е одземен мобилниот телефон кој, како што рече, му бил однесен во кутија колачи во ќелијата.
– Затворскиот полицаец што ја однел кутијата без да ја провери, е суспендиран. Од другата ќелија рекле дека на некој во ќелијата на Васил Јованов му паднал шеќерот, нешто во што никој не верува затоа што тоа се стари шеми – истакна Пандов.
Главното решение, според него, е оформување на две интервентни единици кои не се поврзани со овие затвори.
– Неопходни се нови вработувања. Во дадениов случај ве уверувам дека без тие нови вработени реално многу тешко се работи, кај Утковски во Шутка на дневна основа од затворот Куманово и затворот Штип доаѓаат околу 15 затворски полицајци кои се на испомош затоа што бројката е под минимумот – рече директорот на Управата за извршување санкции.







