Министрите за финансии на земјите од Г7 најавија нови заеднички чекори за зголемување на притисокот врз Русија, насочени кон државите кои и понатаму купуваат руска нафта.
Во заедничката изјава, објавена по видеоконференциски состанок, министрите нагласија дека ќе се користат трговски мерки како царини, како и забрани за увоз и извоз, со цел да се намалат приходите на Русија кои се користат за агресијата врз Украина.
Иако изјавата не ги именува конкретно Индија или Кина, таму стои: „Ќе ги таргетираме оние кои, директно или индиректно, продолжуваат да купуваат руска нафта по инвазијата на Украина.“
Членките на Г7 – САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија – дополнително најавија мерки за значително намалување на сопствениот увоз од Русија, вклучувајќи ги и јаглеводородите.
Министрите за надворешни работи на Г7, пак, истакнаа дека сериозно разгледуваат нови ограничувања за државите кои индиректно го финансираат воениот апарат на Москва.






