Денес во Владата на Македонија се потпишаа договорите помеѓу владините министерства и единиците на локална самоуправа, поточно општините кои учествуваа во јавниот повик, кои ги исполнија условите и добија средства од проектот во вкупна вредност од 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините. Дел од тие средства ќе бидат реализирани во овој буџет, останатиот дел дополнет со оние средства коишто недостигаат ќе биде со следниот буџет за следната година.
Денес се потпишуваа договорите кои се темелат на 6 владини одлуки, поделени на 6 клучни ресори каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти.
Прво, денес се потпишуваат договори врз основа на одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2024 година за што се издвојуваат речиси 133 милиони денари (132.619.804 денари). Со оваа одлука се опфатени општини како Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други. При тоа се однесува на реконструкции, изградби и модернизирање на училишта и спортски сали и унапредување на условите за образование.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски по потпишувањето на договорите изјави:
-Денес, ги потпишав 16 те договори за реализација на 16 проекти, за кои како резултат на нашата навремена проектна подготвеност, Владата одобри за општина Битола 3,7 милиони евра. Ова е значајна поддршка за нашата општина со која ќе инвестираме во изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа во должина од речиси 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу 6 километри. Проектите опфаќаат и поставување на ново улично осветлување, енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште, изградба на Центар за спорт и рекреативни активности, како и за санација на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“. Веднаш, по потпишувањето на договорите, започнуваме со отпочнување на постапките за реализација на активностите на терен. Добиената поддршка значи поголеми можности и повеќе инвестиции, затоа што покрај инвестирањето во овие проекти, веќе планираме и работиме на нови инвестиции од општинскиот буџет. Делата ги потврдуваат промените за поубава Битола.






