Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска на својот профил на социјалната мрежа Икс објави остар коментар од Копенхаген, каде што се одржува неформален состанок на шефовите на држави и влади од ЕУ, како и самитот на Европската политичка заедница.
„Копенхаген, втор ден. Ситуацијата е сериозна. На маса се отворено про-воени предлози. Сакаат да им ги предадат средствата на ЕУ на Украинците. Се обидуваат со сите можни правни трикови да го забрзаат пристапувањето на Украина“, напиша Орбан.
Тој продолжи во ист тон:
„Сакаат да финансираат испорака на оружје. Сите тие предлози јасно покажуваат дека екипата од Брисел сака војна. Цврсто ќе се држам до унгарскиот став, но овој самит исто така докажува дека следните месеци ќе бидат обележани со закана од војна. Ќе ни треба поддршка од целата политичка заедница и од секој Унгарец кој копнее за мир.“
Во данската престолнина од вчера се одржува неформален состанок на лидерите на ЕУ, а денес продолжува и самитот на Европската политичка заедница, чиј домаќин е данската премиерка Мете Фредериксен. Темите се безбедноста на Европа, хибридните закани, миграциите и поддршката за Украина.
Орбан веќе предупреди дека состаноците ќе бидат „како борба во кафез“. Тој наведе дека европските лидери, меѓу кои претседателката на Европската комисија и премиерите на Полска и Шведска, вршат притисок врз Унгарија да го поддржи членството на Украина во ЕУ. Според Орбан, тоа се „злокобни знаци“ дека Европа прави големи чекори кон војна.







