Лидери од цела Европа денеска се собраа во Копенхаген на седмиот Самит на Европската политичка заедница, каде што главни теми се безбедноста и поддршката за Украина.
Меѓу клучните прашања се општата безбедносна состојба и начини како Европа да стане посилна и поотпорна во актуелната геополитичка криза.
Самитот го копретседаваат претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
Меѓу учесниците се премиерот на Унгарија Виктор Орбан, претседателот на Франција Емануел Макрон, премиерите на Шведска, Шпанија и Албанија – Улф Кристерсон, Педро Санчес и Еди Рама, претседателката на Молдавија Маја Санду, премиерот на Ерменија Никол Пашинјан, претседателот на Романија Никушор Дан, британскиот премиер Кир Стармер, украинскиот претседател Володимир Зеленски, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас и други.
Домаќин е Данска, која го позиционира собирот како платформа за јакнење на европската соработка во сложени безбедносни и геополитички услови.
По пленарната седница ќе се одржат повеќе дискусии за различни аспекти на европската безбедност – од традиционални и хибридни закани до економска сигурност и миграции.
Европската политичка заедница служи како неформална платформа за политички и стратешки дијалог, со цел унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на континентот. Организацијата не е замена за постојните институции, туку дополнителен канал за координација.
Ова е седми состанок на Европската политичка заедница, а следните ќе се одржат во Ерменија и Ирска.







