Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Унгарија би требало да се повлече од меѓународните институции доколку не ѝ одговара членството на Украина.
Изјавата следи по коментарот на Виктор Орбан, кој рече дека не сака да биде во „ист интеграционен формат со Украинците“.
На социјалната мрежа Икс, Сибиха потсети дека двете држави веќе заедно членуваат во ОН, Советот на Европа, СТО, ММФ, ЕБРД, МААЕ, ФАО и други организации. „Значи, Орбан, Унгарија има намера да излезе од сите нив?“ праша тој.
Односите меѓу Будимпешта и Киев се сè понапрегнати. Пред самитот на Европскиот совет во Копенхаген, Орбан изјави дека Украина не е суверена држава, бидејќи сметките ѝ ги плаќа ЕУ – став што веќе го повторил неколкупати.
Спорот дополнително се вжешти поради наводниот упад на унгарски извидувачки дрон во украинскиот воздушен простор. Киев објави докази за рутата на летот, додека унгарскиот министер Петер Сијарто возврати дека Зеленски „станува опседнат со антимагјарски расположенија“.







