Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија свесно предизвикува ризик од нуклеарни инциденти, откако руски напад ја прекина електричната енергија во нуклеарната централа во Чернобил.
Тој на „Телеграм“ објави дека над 20 руски дронови нападнале град во близина, што довело до прекин на снабдувањето со струја во централата, местото на најголемата нуклеарна катастрофа во 1986 година.
Зеленски ја обвини Москва и дека не презема мерки за решавање на проблемите во Запорожката нуклеарка, како и за злоупотреба на Меѓународната агенција за атомска енергија и нејзиниот директор Рафаел Гроси.
Украинското Министерство за енергетика соопшти дека без струја останал објектот кој го изолира уништениот четврти блок во Чернобил и спречува истекување радиоактивни материи. Стручњаците работат на обновување на напојувањето.
Во одделна изјава, Зеленски ги повика лидерите на ЕУ на заедничка одбрана и најави дека Украина може да биде водечка во процесот на создавање безбедносен модел за Европа. Тој додаде дека Европа мора да ги ограничи купувањата на руски енергенси, особено нафта.






