Унгарскиот заменик-министер за надворешни работи, Левенте Маѓар, изјави дека Украина би можела да размисли за откажување од околу една петтина од својата територија како дел од напорите за постигнување мир. Тој го посочи примерот на Унгарија, која по Првата светска војна, со Тријанонскиот договор од 1920 година, се откажа од две третини од својата територија.
За време на предавање во Париз, Маѓар објасни дека во тоа време Унгарија била на губитничката страна и имала само две опции: повторно да се вооружи и ризикува целосна катастрофа или да прифати мировни услови, иако тоа значело голем територијален губиток. Тој истакна дека владата донела единствено разумна, иако трагична одлука.
„Дали беше болно? Секако дека беше. Сега Украина ќе мора да се откаже од една петтина од својата територија. Не велам точно што треба да направи Украина, но нашето искуство покажува дека мирот понекогаш може да биде болен“, рече Маѓар.
Тој додаде дека ризикот од ескалација и ширење на војната се зголемува со секој изминат ден.







