Зголемената активност на Сонцето, кое го достигна својот сончев максимум во 11-годишниот циклус, предизвикува сериозни проблеми за сателитската мрежа Starlink на компанијата SpaceX. Според експертите, сончевите ерупции и геомагнетните бури не само што создаваат спектакуларни светлосни појави како аурора бореалис, туку и сериозно ги загрозуваат сателитите во ниската орбита.
Геомагнетните бури ја загреваат горната атмосфера на Земјата, предизвикувајќи нејзино ширење. Ова дополнително зголемување на густината на атмосферата создава зголемен отпор за сателитите, поради што тие побрзо го губат својот орбитален пат и влегуваат назад во атмосферата.
Научникот Дени Оливеира од Центарот на НАСА, во интервју за „ЊуСајентист“, изјави:
„Откривме дека кога имаме геомагнетни бури, сателитите повторно влегуваат во атмосферата побрзо од очекуваното.“
Истражувањето на Оливеира и неговиот тим покажало дека животниот век на сателитите Starlink во време на силна сончева активност може да се намали до само 10 дена.
„Ова е прв пат во историјата толку многу сателити повторно да влезат во атмосферата. За неколку години, тоа ќе се случува секој ден“, предупреди тој.
Иако ова претставува сериозен предизвик за мрежата Starlink, која брои илјадници мали сателити, од SpaceX гледаат и можност: сончевите бури можат да помогнат во побрзо расчистување на „мртвите“ сателити, со што би се намалил ризикот од судири во орбитата.
Со оваа вселенска „чистка“, предизвикана од природни сили, човештвото се соочува со нова ера во управувањето со сателитскиот сообраќај – ера во која Сонцето игра многу поголема улога отколку што досега се претпоставувало.







