Од 2 октомври 2025 година, потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје ќе почнат да добиваат топлинска енергија, информира АД ЕСМ. Иако грејната сезона официјално стартува на 15 октомври, според регулативата може да почне порано ако прогнозата за средна надворешна температура е еднаква или помала од 12˚С. За утре се предвидува средна температура од 10˚С, што ги исполнува условите за почеток на испораката на топлинска енергија.
ЕСМ информира дека секојдневно ќе објавува на веб-страницата дали се исполнети условите за испорака на топлина за наредниот ден, сè до 15 октомври.
„Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи“, нагласуваат од ЕСМ. Потрошувачите се повикуваат да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации и да овозможат непречен пристап на службите до топлинските потстаници, како и редовно електрично напојување. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Сите корисници можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на веб-страницата на ЕСМ Снабдување. За пријави, дефекти или информации, потрошувачите можат да контактираат со Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.






