Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека САД повеќе не се служат со „морковот“ во дијалогот со Русија за Украина, туку се префрлиле на „стапот“, односно на зголемен притисок врз Москва.
„Гледајќи дека морковот ретко функционира со Русите, претседателот Трамп се префрли на стапот. Сега единственото прашање е колку голем ќе биде стапот“, рече Стуб во интервју за Политико. Тој додаде дека критиките и притисокот од Вашингтон им даваат дополнителен оптимизам на властите во Киев.
Стуб истакна дека американскиот претседател и неговиот тим секојдневно работат на прекин на војната во Украина, користејќи го целиот арсенал – од построги санкции, повисоки тарифи до поактивна воена поддршка за Киев. „Тоа е неконвенционален, но резултатно ориентиран пристап“, рече Стуб.
Финскиот лидер го поддржа забрзаниот пристап на Украина кон Европската Унија и потенцираше дека членството на Украина е стратешки важно. Тој го поздрави и планот на Европската Комисија да користи замрзнати руски средства во вредност од околу 170 милијарди евра за финансирање на кредити за Украина.
Во однос на ситуацијата во Газа, Стуб рече дека и Израел, како и Русија, го крши меѓународното право, но дека околностите се различни. „Дали Израел отишол предалеку, како Русија? Одговорот е да“, заклучи финскиот претседател.






