Серијата инциденти со беспилотни летала во Данска ја натера армијата итно да повика стотици резервисти, објави „Екстра Бладет“, повикувајќи се на извештаи на ТВ 2.
Според информациите, одлуката директно е поврзана со неколкуте случаи на појава на дронови во данскиот воздушен простор во изминатата недела. Иако командата на вооружените сили одбила да даде официјален коментар, извори за ТВ 2 потврдиле дека повикани се „неколку стотици војници“.
Темата со дроновите стана централна во јавноста откако минатиот понеделник вечер воздушниот простор над аеродромот во Копенхаген беше привремено затворен. Само неколку дена подоцна, нови беспилотни летала беа забележани во Јитланд, во близина на повеќе локации – меѓу кои и воздухопловната база Шкридструп, каде што редовно се стационирани авионите Ф-35 и Ф-16 на данските воздухопловни сили.
Нови инциденти беа регистрирани и за време на викендот, овој пат во околина на воени објекти. Сепак, и една недела по првите случаи, сè уште не е познато кој стои зад овие активности.
Како дополнителна мерка на претпазливост, данските власти во недела објавија дека целиот воздушен простор ќе биде затворен за цивилни дронови за време на претстојниот самит на ЕУ во Копенхаген. Забраната останува на сила до 3 октомври.







