Обвинителството отвори истрага против тројца турски државјани под сомнение дека изнудувале 40.000 евра од свој сонародник со закани по живот. Бизнисменот, кој дошол во Македонија на 6 септември за да основа фирма за градежништво и ИТ, го пријавил случајот во полиција.
Првоосомничениот, кој се наоѓа во Дубаи, преку мобилна апликација му се заканувал и барал пари во износ до 70.000 евра, дури испраќал пораки дека ќе го убие ако не плати. На 28 септември во земјава пристигнале неговиот внук и уште еден соработник за да ги земат парите.
Средбата се одвила во трговски центар во Скопје, каде бизнисменот им предал коверт со обележани банкноти. Во истиот момент двајцата биле уапсени.
Поради ризик од бегство и можност за влијание врз сведоци, обвинителството побара притвор за уапсените. Во однос на првоосомничениот, надлежните органи преземаат мерки за негово лоцирање и обезбедување.







