Путин прогласи велигденско примирје – Москва очекува Киев да возврати со иста мерка
Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави велигденско примирје, кое ќе стапи на сила вечерва во 18 часот по московско време и ќе трае до полноќ во недела кон понеделник.
„Ова примирје ќе биде тест за тоа дали режимот во Киев има волја и капацитет да бара мирно решение за кризата,“ изјави Путин, пренесуваат руските медиуми.
Според него, Русија ги прекинува борбените дејствија и го очекува истиот потег и од украинската страна. На состанок со началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов, Путин нагласи дека руската војска мора да остане подготвена за реакција во случај на провокации или евентуално прекршување на примирјето.
„Линијата на контакт е под наша контрола, а руската армија бележи напредок,“ додаде тој.
Во однос на неодамна укинатиот мораториум за напади врз енергетската инфраструктура, Путин посочи дека Украина го прекршила повеќе од 100 пати, што, како што вели, ја натерало Русија повторно да ги разгледа своите позиции.
Генералот Герасимов го информирал Путин дека шест борбени групи на руската армија се во офанзива во 11 правци, при што е ослободен најголемиот дел од областа Курск која била под украинска контрола.






