Американскиот Стејт департмент ја обвини привремената влада на Косово за прекинот на Стратешкиот дијалог со САД, нагласувајќи дека тоа нема никаква врска со Србија или со други надворешни фактори.
„Секоја сугестија дека ова е поврзано со Србија или надворешни актери е неточна и претставува обид да се избегнат клучните прашања. Одлуката е целосно заснована на постапките на привремената влада на Косово“, изјави портпарол на Стејт департментот во писмен одговор за весникот „Национале“.
Од Вашингтон прецизираат дека загриженоста е директно соопштена на премиерот Албин Курти и дека САД остануваат посветени на партнерството со народот на Косово.
„Потребен ни е партнер кој ја разбира потребата од избегнување на дестабилизирачки дејствија и кој е посветен на унапредување на регионалната стабилност и заштита на правата на сите граѓани на Косово. Ќе продолжиме да ги оценуваме активностите на привремената влада“, додаде портпаролот, оставајќи простор за понатамошна соработка.







