СДСМ и коалицијата вечерва ја претставија својата програма од Пробиштип под слоганот „Се бориме за нашиот дом“. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека не смее да се дозволи Македонија да стане „приватна сопственост на неколкумина од власта“.
„Македонија е наш заеднички дом – место каде секој граѓанин е еднаков, каде што младите ќе остануваат, а чесниот труд ќе се вреднува, а не партиската книшка. Оваа борба не е само политичка, туку битка за праведност, достоинство и иднината на нашите генерации“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ отсекогаш била повеќе од партија – „движење за слобода, правда и еднаквост“, со корени во АСНОМ и во генерации кои ја вградиле идејата за државата како дом на сите.
„Време е да ја вратиме надежта и да покажеме дека знаеме да ја исправиме државата во секое маало и секоја зграда. Не ветувам лесен пат, туку чесна и упорна борба. Нашата цел е да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати државата во рацете на народот“, додаде лидерот на СДСМ.







