Џафер Долек бил дел од групата која се враќала од Турција со агенцијата „Беса Транс“ и требало да се вози со автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“, но неговите куфери се нашле во погрешен автобус и тоа му го спасило животот.
Хотелскиот персонал, наместо во автобусот кој доживеа несреќа, ги ставил куферите на Долек во друг автобус. Откако тој ја увидел грешката, побарал багажот да му биде вратен во првиот автобус, но лице од агенцијата му рекло да влезе во истиот бидејќи и во него има место.
Ова за „Сител“ го раскажа таткото на Џафер, кој вели дека Господ го чувал неговиот син. Тој за несреќата разбрал откако се видел со синот, кој безбедно пристигнал во Скопје, и му кажал дека другиот автобус направил несреќа и дека има жртви.
Бугарските истражни органи денеска соопштија дека во остатоците од автобусот се пронајдени 44 трупови од жртви. Тие велат дека добиле информација дека во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат 7 лица. За нив останува нејасно каде е уште едниот патник кој бил регистриран дека е во автобусот






