Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до Бошњачката заедница во земјава по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, нагласувајќи дека во Македонија нема големи и мали заедници, туку сите заедно ја сочинуваат државата.
„Бошњачката заедница е доказ дека и малите заедници можат да имаат големо срце и значајна улога во заедничката приказна на државата. Ние го избираме патот на заедништвото, солидарноста и почитта. Затоа денот на Бошњаците не е само ден на една заедница, туку на цела Македонија. Тоа е ден кој потсетува дека иднината можеме да ја градиме само заедно, со доверба и љубов кон заедничкиот дом“, изјави Мицкоски на Свечената академија.
Честитки до Бошњаците по повод празникот упатија и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, лидерот на СДСМ Венко Филипче, како и претставници на други политички партии.







