ВМРО-ДПМНЕ со реакција го критикува лидерот на ДУИ, Али Ахмети, велејќи дека неговите пораки за „орли“ се само политичка патетика и заплашување пред избори.
„Не е тешко да се предвиди Ахмети, ниту да се справи човек со него – потребни се само волја, интегритет и некорумпираност. СДС тоа не го поседуваше. Тие немаа волја да му се спротивстават, имаа волја само да крадат, па Ахмети ги фати и денеска не можат ни да писнат“, се наведува во партиската изјава.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на средбата кога Артан Груби и Ахмети го „предомислиле“ Зоран Заев, алудирајќи дека тоа било направено преку задкулисни договори. „ДУИ е експерт за тендери и за политичко ‘седнување во скут’. Таравари е со нив од истата причина поради која и СДС не може да се оттргне – заедничкиот криминал“, истакнуваат од опозициската партија.
Во реакцијата Ахмети и неговата партија се нарекуваат „врапчиња и корумпирани страчки“, наместо орли, со порака дека Албанците одамна имаат преку глава од вакви политики. „ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини на следните избори. После тоа врапчињата ќе испраќаат писма со понуди за коалиции, но ние ќе се насмееме на тие понуди“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата дополнително обвинуваат дека долгогодишното владеење на Ахмети се темели на злоупотреба на власт, отворање бизниси и користење блиски врски во обвинителството. „Наместо да оди во пензија по дваесет години власт, Ахмети секогаш пред избори нуди заплашувања и патетика. Тоа е негов Павлов рефлекс“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека ваквиот настап е „патетичен и смешен“.







