Скопското обвинителство поведе постапка против 41-годишен државјанин на Романија, осомничен за насилен грабеж извршен на 21 март годинава во општина Ѓорче Петров.
Според обвинителството, осомничениот на жртвата со сила му одзел златен ланец со крст од вратот, а потоа влегол во домот и пребарувајќи по полицата и фиоките украл уште 2.500 денари. Со тоа се стекнал со вкупна противправна корист од 11.500 денари, по што избегал.
„Станува збор за дрзок и насилен грабеж, при кој сторителот употребил сила за да го присвои туѓото имущество. Преземени се сите мерки за заштита на оштетениот и целосно расчистување на случајот“, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Бидејќи осомничениот е странски државјанин без регулиран престој во државата, обвинителството оцени дека постои ризик од бегство и до судот достави предлог за определување мерка притвор.







